English languageМакедонски јазик
 

 
 

1.      БИБЛИЈАТА 

Веруваме дека Библијата, односно Светото Писмо е составено од 39 книги на Стариот завет (значи, без девтероканонските, односно апокрифните книги) и 27 на Новиот завет, и дека претставува Божја книга. Светото Писмо не е производ на човечки мудрости, ниту настанало според човечка волја, туку Бог, според Својата провидност ги подготвил писателите со потребниот карактер, способности и искуства; натприродно им ги открил знаењата кои сакал да ни ги објави и делувал на нивните природни особини насочувајќи ги во изборот на темата, во целиот тек на мислите и изразувањето со зборови, низ процес познат како боговдахновеност. Светите Божји луѓе пишувале раководени од Светиот Дух, така што изворниот текст на Светото Писмо во целина и во секој детаљ е апсолутно непогрешлива Божја објава, единствено и сосема доволно правило за вера и пракса, и единствен авторитет кој ја обврзува човековата свест.

2.      БОГ 

Веруваме во еден единствен Бог, кој е Дух; совршен, бесконечен и вечен во своето Битие, во светоста, мудроста и силата; кој е самопостоечки, прапричина за сите живи суштества и случки (кои ги одредил од вечноста); апсолутно одвоен од светот и над светот како негов Творец, а сепак во исто време е присутен во светот како Седржител на сите нешта. Тој е суверен над сите и сè прави по советот на Својата волја. Тој Сам Себеси се открива во три различни лица: Татко, Син и Свет Дух и на секој од нив им припаѓа подеднаква чест, слава и почитување (обожавање) како на вистинит Бог. 

3.      ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС 

Веруваме во Господ Исус Христос, Кој е Божјиот Месија за човечкиот род. Тој е вечниот Збор (Логос) и Единородниот Син, наш величествен Бог и Спасител. Тој без никаква суштинска промена во Својата божествена личност, стана човек преку чудото на безгрешно раѓање од девица, така што остана вечно вистински Бог и вистински човек: една личност со две природи.         

Веруваме дека, како човек, Господ Исус Христос во сè беше искушан како и ние, освен во грев. Како совршено Јагне Божјо, Тој се предаде Себеси во смрт на крст, носејќи ги гревовите на сите луѓе и поднесувајќи ја за нив полната казна на Божјиот гнев, наместо нас.

Веруваме дека славно воскресна од мртвите во истото тело во кое страдаше и умре.

Веруваме дека како наш велик Првосвештеник Тој се вознесе на небото и дека таму се појави пред лицето на Таткото Бог како наш Застапник и Молител.

Веруваме дека Тој лично повторно ќе дојде за да ги преобрази оние кои преку покајание и вера се помириле со Бог, и да ги казни неверниците. 

4.      СВЕТИОТ ДУХ 

Веруваме во Светиот Дух, Кој е третата личност од троедниот (троичниот) Бог, еднаков по сила, светост и мудрост со Бог Таткото и со Синот. По природата на Својата служба, Тој го разоткрива гревот кај луѓето, и го препородува секој што верува во Христос, штом ќе поверува. Тој се вселува во секој прероден човек и го запечатува за денот за избавувањето. Светиот Дух дава сила, водство, поучува и ги советува сите оние кои врз основа на посвојувањето од страна на Исус Христос, стануваат Божји деца.

Веруваме во неопходноста од исполнување со Светиот Дух. Мерката за исполнетост со светиот Дух е родот на Светиот Дух во животот на верникот, имено: љубов, радост, мир, трпеливост, љубезност, добрина, верност, кроткост и самоконтрола (воздржливост).

Веруваме дека Светиот Дух им доделува соодветни дарби на вистинските христијани, со кои тие работат на Божјото дело. Дарбите се различни и Светиот Дух како Бог ги доделува суверено, како што самиот Тој ќе реши. 

5.      ЧОВЕКОТ 

5.1   Создавањето и падот на човекот 

Веруваме дека човекот (тело, дух и душа) е директно Божјо створение. Бог го создал според Својот сопствен образец, машко и женско ги создал.

Веруваме дека човекот преку сопствената непослушност кон откриената Божја волја стана грешно створение и зачетник на грешна раса, која е универзално грешна по природа и во пракса и се наоѓа под праведниот Божји суд и гнев.

Веруваме дека човекот нема способности за самообнова или самоспасение, туку истите може да ги добие од Бог, преку покајание и вера во Христос.

5.2   Спасение по благодат, преку вера 

Веруваме во спасение преку вера. Спасението е подарок од Бог. Тоа не може да се заслужи ниту да се сочува делумно или во целина со никаква човечка добродетел, ниту преку било каков човечки труд. Спасението се прима со лична вера во Господ Исус Христос. Сите вистински верници  имаат вечен живот како подарок од Бог, а исто така ги имаат и подарената Христова праведност, посвојувањето во Божјото семејство и ослободувањето од Божјиот суд. Добиваат и секаква духовна сила потребна за живот и побожност, и ја имаат Божјата гаранција дека никогаш нема да загинат.

Веруваме дека ова спасение го вклучува целиот човек: духот, душата и телото. Ова спасение се темели врз придобивките од Христовата смрт и воскресение, а го примаме (добиваме) преку вера. 

5.3   Праведното живеење и добрите дела 

Веруваме во неопходноста од праведно живеење и вршење на добри дела, не како заработка за спасението во која било смисла, туку како докази и родови на спасените луѓе.

Веруваме дека треба да ги извршуваме заповедите на нашиот Господ, да го бараме духовното и небесното, да живееме како што живееше нашиот Господ, да изобилуваме во добри дела, а посебно сериозно да ја сфатиме нашата одговорност, должност и привилегија како носители на Евангелието до изгубениот и грешен свет и на тој начин да родиме многу род.

Веруваме дека победоносниот и плодоносен христијански живот е можен единствено кај оние кои се научиле дека не се под стегите на старозаветниот закон, туку под закрилата на Христовата благодат; христијани кои од благодарност кон бесконечните и незаслужени Божји милости, живеат со полна доверба во Бог. 

5.4    Идниот живот 

Веруваме во идниот живот, во воскресението на телото и во доаѓањето на вечниот суд за неверниците.

Веруваме дека духот и душата на спасените луѓе веднаш по смртта заминуваат на небото кај Христос, каде што остануваат во радосна заедница до Неговото второ доаѓање, кога и нивните тела ќе воскреснат од гробовите и ќе се преобразат така што ќе бидат слични на Христовото воскреснато тело.

Веруваме дека во тоа време сите верници ќе се појават на таканаречениот “Христов суд” за вреднување на своите дела. Таму Бог ќе реши за наградување или поништување на извршените дела, но не и за вечниот и благословен живот кои тие гарантирано го имаат.

Веруваме дека духот и душата на неспасените луѓе веднаш по смртта слегуваат во адот, каде што се чуваат во еден вид притвор до Страшниот суд, кога нивните тела ќе воскреснат од гробовите за да бидат осудени и фрлени во Огненото езеро (пеколот), каде што ќе издржуваат вечна казна.

Веруваме дека небото и пеколот се буквални места и состојби на блаженство, односно на измачување. 

6. ЦРКВАТА 

6.1 Црквата - општа и локална (месна) 

Веруваме во една и вистинита Црква, наречена и Христово тело и Негова невеста. Таа е “духовната зграда” која Тој почна да ја ѕида на Духовден и која ќе ја комплетира при Своето второ доаѓање. Сите вистински верници во неа се крстени во Светиот Дух,  без оглед на националност, боја, раса, пол или општествена положба.

Веруваме дека припадниците на Христовата Црква треба да се собираат во месни цркви  заради прославување на Бог, молитви, заедништво, поучување и заедничко сведоштво.

Веруваме дека христијаните треба да ги помагаат своите цркви.

6.2 Крштавањето и Господовата Спомен-Вечера (Причест или Евхаристија) 

Веруваме дека крштавањето и Господовата спомен-вечера (Причест, Евхаристија) се уредби кои ги воспоставил нашиот Господ и нè задолжил да ги практикуваме.

Веруваме дека крштавањето се врши со подронување под вода, а врз основа на сведоштвото за лична вера од страна на лицето што се крштава, и со формулата дадена од Господ Исус Христос, која гласи: “Во името на Таткото, Синот и Светиот Дух”.

Веруваме дека Господовата спомен-вечера (Причеста, Евхаристијата) е чин кој преку лебот и виното ја симболизира нашата идентификација со смртта на Господ Исус Христос, и дека треба да ја практикуваме до Неговото повторно доаѓање.

6.3. Бракот 

Веруваме во светоста на христијанскиот брак.

Веруваме дека изборот на брачниот другар треба да биде исклучиво меѓу христијаните. Развод на бракот, според учењето на нашиот Господ Исус Христос, не е допуштен, освен за неверство (прељуба). Повторно стапување во брак се одобрува единствено во случај на смрт на брачниот другар. 

7. ДЕН ЗА БОГОСЛУЖБИ 

Веруваме дека неделата е Новозаветниот ден за богослужби, бидејќи уште првите Христови ученици се собирале во Недела прославувајќи го Неговото Воскресение. Во Неделата треба да Му се посветиме на Бог преку слушање на проповеди или проучување на Светото Писмо, и во меѓусебно заедништво (општење). 

8. ДРЖАВНАТА ВЛАСТ 

Веруваме дека државната власт постои со Божјо одобрение заради одржување на безбедноста, редот и мирот, и дека заради тоа сме должни да ја почитуваме и да ја помагаме во нејзините справедливи потфати. Државната власт му е потчинета на Бога и секоја нејзина одлука спротивна на Божјиот закон не го обврзува христијанинот кон нејзино почитување. 

9. САТАНАТА (ЃАВОЛОТ) 

Веруваме во постоењето на Сатаната (Луцифер, Ѓаволот) како личност, иако и тој е дух и нема материјално тело. Тој во почетокот бил без грев, но поведен од својата самољубивост и грешна амбиција се одметнал од Бога. Така станал крајно расипан по карактер, голем непријател на Бог и на Божјиот народ, и водач на сите други злобни ангели и духови кои Му се придружиле. Тој е измамник, неговите сили се натприродно големи, но се строго ограничени преку допуштањето на Божјата волја. Сатаната е веќе поразен и осуден со Христовата смрт на крстот и неговиот конечен суд е закажан. Ние сме во состојба да му се противставиме и да го победиме единствено со Божјото оружје што ни се нуди (Послание до Ефешаните 6:10-18).  

10. ВТОРОТО ХРИСТОВО ДОАЃАЊЕ 

Веруваме дека Исус Христос повторно ќе дојде на Земјата.

Веруваме дека ќе дојде лично и дека Неговото доаѓање ќе биде видливо и величествено. Датумот на Неговото доаѓање не ни е откриен, но може да биде во секој момент и ќе биде ненадејно. Кога ќе дојде, Тој преку воскресение и преобразување најпрво ќе ја земе од Земјата  Својата Црква (универзална, сеопшта), која Го чека. По земањето на Црквата, ќе ги излие праведните Божји судови врз неверничкиот свет. Ќе ги воскресне сите неспасени мртви луѓе и ќе ги осуди на процесот познат како “Страшниот суд”. Како Давидов потомок, Христос ќе Му го предаде Своето месијанско царство на Бог Таткото и заедно со Него ќе царува засекогаш, на новото небо и новата Земја кои ќе ги создаде.

 

Веруваме и во Апостолското и Ранохристијанското (Никео-Цариградско) вероисповедание (наречено и Символ на верата). Кликни овде за да го прочиташ Апостолското или овде за Ранохристијанското вероисповедание.

 

 
 

Симнете ја брошурата „Сакам да знам за Господ“

(370KB)

 
 

 

© Христијанска црква „Радосна Вест“ - Благоја Давков 10 - 1000 Скопје - +389 2 3213 457