Текст: Евр. 12:25–29
„ЃАВОЛСКО УТРЕ“
„Денес... не стврднувајте ги срцата ваши“. Евр. 4:7.
Библијата е како оган и „чекан што го раздробува каменот на безброј ситни парчиња“. Секој пат кога ќе се сретнеме со нејзините зборови, веќе во следниот миг не сме исти, туку или сме поблиску до Бог или подалеку од Него! Едно исто сонце, мразот го топи, но глината ја стврднува. Во 2 Коринт. 2:16, апостол Павле вели: „Кога проповедаме, ние сме за едни животворен мирис, а за други – смртоносен мирис“.
Во една приказна се зборува за еден млад човек кого Бог го повикувал уште во младоста, но тој го одбил спасението, велејќи дека прво планира да се збогати во животот. Направил голема воденица и многу се збогатил. Тогаш Бог пак му проговорил: „Еве се збогати; дали сега си подготвен да го примиш вечниот живот?“ Но, човекот овој пат бил многу зафатен околу работата и повторно одбил. Набрзо потоа, тој тешко се разболел, при што неговата жена викнала проповедник. Неговиот одговор бил: „Сè што слушам е бучењето во мојата воденица. Го гледам Исус како ми зборува, но не можам да го слушнам. Гледам дека нешто ми зборува, но не можам да чујам што ми вели, од бучењето на воденицата!“ Веќе било доцна! Заминал во вечен пекол. Ако денес го затвориш увото за Неговиот глас, утре ќе биде уште потешко да го чуеш. „Денес, ако го чуете гласот Негов, не стврднувајте ги срцата ваши“. (Евр. 4;7).
„‚За малку‘ убеден, обратен!
‚За малку‘ сосем новороден!
На Духот велиш ли: ‚Сега Ти оди си!
Јас ќе те повикам, некој друг ден!‘“ (ХП–293)
„ВЧЕРА, Е ЗАСТАРЕН ЧЕК;
УТРЕ Е САМО ПОТЕНЦИЈАЛЕН ЧЕК;
ДЕНЕСКА Е ГОТОВИНСКИ ЧЕК – НАПЛАТИ ГО!“