Текст: Малахија 4
ПОСЛЕДНИTE БОЖЈИ ЗБОРОВИ
„... да не дојдам и ја сотрам земјата со проклетство“. Малахија 4:6.
Последните зборови речиси секогаш се најсилни зборови. Денешниот текст ни ги пренесува последните Божји зборови, упатени кон Израел, на крајот на Стариот завет. Откако ги изговори овие зборови, Бог молчеше 400 години, сè додека народот не го слушна гласот на оној што вика во пустината: „Пригответе го патот на Господ“ (Матеј 3:3). Иако Малахија 4:6 ни изгледа како проклетство, сепак пораката на тој стих не е таква. Таа не ја затвора вратата на надежта. Напротив, таа го претставува последниот повик на Божјата љубов. Заканувањето со проклетство има за цел обраќање заради природните последици од непослушноста.
Од времето на Малахија па сè до доаѓањето на Христос, рабините не го завршуваа читањето на Малахија со шестиот стих. Прескокнувајќи од четвртиот на шестиот стих, тие го завршувале читањето со петтиот стих: „Еве, Јас ќе ви го испратам пророкот Илија, пред да дојде големиот и страшен Господов ден“. Во грчкиот превод на Стариот завет, на крајот е ставен четвртиот стих. Така, Евреите ги сметаа последните Божји зборови изговорени со љубов, а не во гнев.
Последните Божји зборови во Новиот завет, исто така, се исполнети со надеж: „Зборува Оној, што го сведочи ова: ‚Да, ќе дојдам скоро!‘ Амин! Да, дојди, Господе Исусе! Благодатта на нашиот Господ Исус со сите вас. Амин!“ (Откровение 22:20, 21). Денес стоиме на прагот на новата година. Божјите последни зборови кон Израел и кон Неговата Црква ни даваат надеж. Сигурноста на Неговата благодат и предупредувањата на Неговата љубов да нè зачуваат во Неговата близина во текот на целата нова година.
„Само близу да си Ти,
мрак ќе нема ни за миг,
денот светол ќе е мој
со Тебе, Боже мој, со Тебе!“ (ХП–195)
„НЕ ПЛАШИ СЕ ОД ИДНИНАТА: БОГ Е ВЕЌЕ ТАМУ!“