Текст: 1 Кор. 5:7–13
ГРЕВОТ ШТО НИКОЈ НЕ ГО ИСПОВЕДА
„Јас не би знаел за алчноста, ако Законот не велеше не биди алчен!“ Рим. 7:7.
Некој човек инстинктивно ги осудува гревовите убиство и кражба, а гревот на бескрајната желба (алчност) да се има сè што има соседот, па и повеќе од него, останува незабележан. Како нашата совест да е нечувствителна на овој грев.
Жан Батист, познат црковен старешина и културен реформатор од средновековието, вели дека во својот долг живот кај него доаѓале луѓе да исповедаат секакви гревови, но никој никогаш не се чувствувал виновен за прекршување на десеттата заповед, во која се вели: „Не го посакувај она што му припаѓа на твојот ближен.“ Има една народна песна од Кумановско, за некојси батко Ѓорѓија за кој се вели: „Сè што видеја у село убаво, сè сака да је негово!“
Во целата Библија, Бог нè предупредува дека овој грев е сериозен и длабоко го нажалува Божјото срце. Во книгата на пророкот Исаија 57:17 се вели: „Заради беззаконието на неговата алчност се разбеснав и го удрив...“ и пак во Еремија 6:13: „од најмало до најголемо, сите се оддадоа на лакомство (алчност)...“. Исус го стави овој грев на истиот список со блудството, убиството, кражбата (Марко 7:21-23). Можеби ќе речеш дека ти не сакаш да му го земеш на ближниот тоа што го има, туку само сакаш и ти да го имаш тоа. Но, и тоа е грев, зашто го изразува твоето незадоволство од тоа што Бог ти го дал. Сè уште не се чувствуваш виновен? Не е чудно, алчноста е суптилен грев и никој не го исповеда!
„Кога гледаш богаство кај другите,
спомни си што в небо има за тебе,
помисли на сè што Исус ветува,
тоа што со пари не се купува.“ (ХП–115)
„АЛЧНОСТА ГО НАГРИЗУВА ЧОВЕКОТ
КАКО МОЛЕЦОТ ОБЛЕКАТА“.