Текст: Псалм 32
ПРЕСТАП
„каде што, пак, нема Закон, нема ни престап“. Рим. 4:15.
Во атлетиката, при скокањето во далечина, има една црта која не смее да се прегази. Во спротивно, се зборува за „престап“ и атлетичарот се дисквалификува.
Денешниот датум се појавува еднаш на четири години, т. е. кога имаме таканаречена „престапна година“. Но, не е така и со нашите престапи на Божјиот Закон. За жал, тие се присутни речиси во секој миг од нашиот живот. Кога не би постоел Божјиот свет и совршен Закон, не би постоел ни престап. Но, сега кога, Божјиот Закон му е објавен на човештвото, не само во напишана форма, туку и во совеста на луѓето, така што „тие немаат изговор“ (Рим. 1:20), еднакво се присутни и престапите на Законот, за кои сите сме виновни (Рим. 3:32).
Цртата на Божјиот Закон е прегазена од секој од нас. Гледајќи според правдата, ние сме дисквалификувани од натамошната трка во животот. Но, Божјата милост ни нуди нов почеток, преку покајание и вера во Посредникот Исус Христос. „И така, кој е во Христос, тој е ново создание; старото помина, ете, сè стана ново!“ (2 Кор. 5:17).
Поради несовршенството на човечкиот календар, се врши исправка еднаш во четири години, со продолжување на февруари за еден ден. Бидејќи и нашиот живот е несовршен, можеме ли да се обидеме од денеска, од оваа година, да направиме исправка во начинот на живеење? Да му допуштиме на Бог, преку Светиот Дух да ги обнови нашите животи. Ваквиот „престап“ може да ни донесе многу благослови во животот.
„Нова песна пееме, кога Тој е покрај нас,
нова песна пееме, небесна хармонија;
Сите наши гревови, Исус ни ги опрости,
Каква радост, мир сега имаме кога Тоа е покрај нас!“ (ХП–274)
„АКО НЕ СЕ УЧИШ НА ГРЕШКИТЕ,
НЕМА СМИСЛА ДА ГИ ПРАВИШ!“