Текст: Матеј 6:25–34
ЕДНО ОТЧУКУВАЊЕ ВО МИГ
„Не грижете се за утре, зашто утрешниот ден ќе се грижи за своето“. Матеј 6:34.
Дали сте слушнале за часовникот кој добил нервен слом? На почетокот сè било во најдобар ред. Времето си го мерел добро, а запчениците му биле во одлична состојба. Но, еднаш почнал да размислува за тоа, колку пати ќе отчука неговиот механизам пред да умре од старост. Две чукања во секунда прават 120 чукања во минута, 7200 чукања на час, 172. 800 чукања на ден, 1.209.600 чукања во една недела и 62.899.200 чукања во една година. Вознемирен од ова тешко сметање, часовникот добил нервен слом. Сопственикот го однел на лекар за часовници, кој го прегледал и утврдил што го измачува часовникот. – „Чекај малку – рекол докторот – колкупати мораш да чукнеш во миг?“ – „Ох, па само еднаш!“ – одговорил часовникот.
Фантастична приказна!? Да, но многумина од нас размислуваат на тој начин. Земаме назаем од утрешните неволји, наместо да имаме доверба во Бог за секој ден. Се грижиме за непремостливите пречки што нè очекуваат во иднина, а кога ќе стигнеме до нив, откриваме дека Бог веќе ги отстранил. Се грижиме за тоа како ќе се снајдеме, ако ни се случи некоја несреќа, а кога ќе се случи, откриваме дека Божјата благодат е доволна и за повеќе од тоа.
Со целосна доверба можеме да го препуштиме утрешниот ден во Божјите Татковски раце. Боже, помогни ми да го сфатам животот како едно отчукување во миг!
„О, Боже мој, кога ме гледаш во очај,
обесхрабрен, потонат во неволји;
во световни грижи и проблеми безброј,
без надеж за подобри дни:
Ти дојди тогаш, помогни, во душа мир донеси ми;
од небото зраци на милост да блеснат, со радост
да ме исполнат“. (ХП–98)
„СТАВИ ГИ ТВОИТЕ ГРИЖИ ВО БОЖЈИТЕ РАЦЕ;
ТОЈ ЌЕ ГО СТАВИ НЕГОВИОТ МИР ВО ТВОЕТО СРЦЕ!“