Текст: 1 Петрова 5
НЕИСЦРПНА БЛАГОДАТ
„А Бог на секоја благодат... да ве усоврши, поткрепи и направи непоколебливи“. 1Петр. 5:10.
Колку прекрасно име за нашиот небесен Татко ни дава апостол Петар: БОГ НА СЕКОЈА БЛАГОДАТ! Тој е полн со благодат за усовршување на верникот, полн со благодат за поткрепување на немоќниот, полн со благодат за утешување на тажниот, полн со благодат за секојдневно живеење и полн со благодат за смртниот час. Без оглед на тоа каква е твојата потреба денес, Бог е богат во својата благодат кон тебе.
На островот Тринидад се наоѓа познатото Асфалтно Езеро – минерален базен исполнет со асфалт. Иако овде-онде на површината излегува гас во меури, таа е толку тврда, што луѓето можат да одат по површината. Работниците вадат големи парчиња асфалт и ги товарат во вагони, кои го разнесуваат овој минерал низ целиот свет. Жителите на Тринидад го користат овој рудник над 70 години, па сепак, тој сè уште не е испразнет. Се зборува дека без разлика колку голема дупка ќе направите во овој кратер, од неа не ќе остане ни трага по 72 часа. Таа веднаш се пополнува со материјал што доаѓа одоздола. Работниците со дупчење стигнале до длабочина од 90 метри и не успеале да дојдат до дното на оваа смолеста маса. Изгледа, во езерото има неисцрпен извор на асфалт.
Асфалтното Езеро е добар пример за Божјата благодат. Не можеш да ја исцрпиш Неговата љубов! Имаш ли неволји денеска? Предај се во Татковите раце! Тој е Бог на секоја благодат!
„Благослов вечен ќе тече,
река на небесен мир;
љубов и милост од Исус,
ветени за сите нас:
Благослов вечен, благослов вечен ни дај!
Прскаат капки од милост, молиме духовен дожд!“ (ХП–281)
„БЛАГОДАТТА Е БЕСКРАЈНА ЉУБОВ, КОЈА СЕ ИСКАЖУВА ПРЕКУ БЕЗГРАНИЧНА ДОБРИНА!“