Текст: Псалм 119:25–33
ПИШТОЛ, ДРОГА ИЛИ БИБЛИЈА!
„Зашто Божјиот Збор е жив и силен“. Евр. 4:12.
Вистината од денешниов текст е доволно сфатена од сите кои сакаат да ја уништат Библијата. Некој мисионер кога ја преминувал Романската граница бил прашан од цариникот: „Имаш ли пиштол, дрога или Библија?“
Колку интересна комбинација! Пиштолот е оружје со кое се убива телото, дрогата може да го наруши умот, а Библијата може да открие и уништи сè што е лажно. Библијата е и нешто повеќе од тоа. Може да го збогати животот, да ја зацврсти надежта и да го ослободи човековиот дух, дури и кога човекот е затворен и ограничен. Не е ни чудно што во некои земји властите се плашат од нејзината моќ, па ја споредуваат заедно со оружјето и дрогата.
Во денешниов текст, псалмистот зборува за некои моќни дејства што Божјиот Збор ги предизвикал во неговиот живот; ја оживува неговата душа (стих 25); му дава внатрешна сила (ст. 28); го води кон вистината (ст. 30); и го раширува неговото срце (ст. 32).
Ние, кои сме запознати со Стариот и Новиот завет, го имаме целосното и конечното Божјо напишано откровение. Додека размислуваме за вистината во оваа Книга, таа ги допира нашите животи преку Светиот Дух, Кој е во нас, и ги облагородува.
Да, пиштолот, дрогата и Библијата се моќни оружја, но само Библијата е способна да го уништи лажното и да го изгради вистинското во твојот и мојот живот.
„Запеј ми ги зборовите, зборовите на живот,
колку ми се милозвучни, чудесни зборови!
Вера тие носат, животен пат водат.
Прекрасни се, чудесни се, зборовите на живот!“ (ХП–268)
„МНОГУ КНИГИ СЕ ДАДЕНИ ЗА НАШЕ ИНФОРМИРАЊЕ БИБЛИЈАТА Е ДАДЕНА ЗА НАШЕ ТРАНСФОРМИРАЊЕ“.