ИСУС НА ДЕНЕШЕН ДЕН, ПРЕД ПРВИОТ ВЕЛИГДЕН – ЧЕТВРТОК

ЧЕТВРТОК
Ден на длабоки емоции за Исус. Проштална вечера со своите ученици, целоноќна молитва во Гетсеманија, изневерување од своите, наместено и злобно сослушување пред Синедрионот… апсење, наместено судење…
Интересно, Исус ја прослави Пасхата со своите ученици, а не со своето семејство. Знаете зошто: тие му беа семејство. Кога човек има емоционални тешкотии, најдоброто место за него е меѓу браќата е сестрите по вера. Жалам што мнозина не го практикуваат тоа.
Жалам што огромното мнозинство од христијаните денес се откажаа од заедничките молитвени часови и од бенефициите на семејното дружење во црквата. Секако, најголеми губитници сте вие, кои им свртевте грб на овие дружења и молитви. Не ги споделувате своите потреби со духовното семејство, па и немате поддршка со молитви за вашите животни потреби. Губите, сигурно. А не е сеедно пред Бога. Се разбира, губитници сме и ние кои доаѓаме во скромен број, зашто понекогаш се чувствуваме како сирачиња или како бездомници кои немаат свое семејство. Немаат пред кого да си ги кажат маките. Ќе смениме ли нешто на ова поле?