ОД ЦВЕТНИЦИ ДО ВЕЛИГДЕН – Осум дена кои ја променија перцепцијата за животот, смртта, воскресението, прошката, надежта…

НЕДЕЛА (Цветници)
Овој ден за Исус Христос започна со весела парада, а заврши со солзи во очите на Спасителот. Парадата беше прослава на Неговиот живот и дело – и сосема заслужено. Солзите дојдоа по парадата, кога Исус констатира:
„НЕ ГО ПРЕПОЗНАВТЕ ВРЕМЕТО КОГА БОГ ВЕ ПОСЕТИ ЗА ДА ВИ ПОНУДИ СПАСЕНИЕ“ (Ев. Лука 19:44).

Луѓето поддржуваат празници, слават, се веселат. Сакаат вера за слави, за парадерство. Вера која нема да засега во нивните животи, однесувања, вокабулар.

И на овие празници Господ ќе затропа на срцата на мнозина. Ќе го направи тоа тивко, јавајќи како миротворец кон човековите срца. Колкумина ќе ја препознаат таа посета за свое спасение?
Немам дилеми дека многу славеници и деновиве одново ќе го расплачат Господ на небото. И овој Велигден за некој ќе биде мир, а за некој – продолжен немир. Без потреба ќе им остане немирот во душата, стравовите од смртта, од Судниот ден. А не мора да биде така, зашто, воскреснатиот Господ сака секој да се спаси. И ти. И твоите најблиски. И твоите сограѓани. Радоста оваа недела ќе биде целосна само ако зад сенките на празнувањата го видиме Спасителот како ни доаѓа со мир и спасение. Со понуда за помирување со Бог, за вечен живот и за славно воскресение. Амин?