(3) ОД ЦВЕТНИЦИ ДО ВЕЛИГДЕН – Осум дена кои ја променија перцепцијата за животот, смртта, воскресението, прошката, надежта…

ВТОРНИК
На тапет е ставен авторитетот, овластувањето на Исус Христос да ја критикува работата во храмот и да им пресудува на бесплодните. „Со каква власт го правиш тоа?“ – го прашуваа корумпираните свештеници и фарисеите. Тие сметаа дека само „Светиот синод“ на Јудејците може да „хиротонисува“ владици и проповедници на Божјите вистини. А Исус не беше „хиротонисан“ од нив, па, демек, немал легитимитет. Но Исус имаше многу посилен аргумент: Тој ја говореше вистината, Тој беше послушен на сите Божји заповеди. Оттаму произлегуваше Неговото право да проповеда и да критикува.

И нам честопати ни го оспоруваат правото, овластувањето да го проповедаме Христовото евангелие. Не сме биле „хиротонисани“ од Светиот синод, демек, сме го немале нивниот благослов. Но нашето овластување, позив, мотивација и желба да им го проповедаме Евангелието на народов треба да произлегува од нашата послушност и приврзаност кон Бога, кон Вистината и кон сите Божји објави, уредби. Не сме должни да им поднесуваме сметка. Ни Исус не ги удостои со одговор – не го заслужуваа!