За молитвата

Зошто велиме дека Бог не одговорил на нашата молитва кога Тој јасно ни одговорил со „не“? Зошто не го прифаќаме тој одговор? Зар Бог ни мисли лошо? Чии план и замисли се подобри, нашите или Божјите? И зошто го нарекуваме Господар, а не сакаме да ја потчиниме нашата воља под Неговата? Ако Исус молеше да не биде Неговата воља, туку вољата на Отецот, тогаш колку повеќе ние краткогледите грешници треба да го молиме истото? Преку молитвата ние бараме Бог да ја спроведе Неговата воља на Земјата, а не нашата воља да биде спроведена на Небото.

Не само што е во ред, туку Исус и не поттикнал да бидеме упорни во молитвите. Но потребно е и да си ги поставиме следниве 3 прашања:

1. Дали мојата молитва се коси со некоја Библиска заповед или учење?

2. Дали на мојата молитва и претходи некоја непокајана постапка?

3. Дали сме отворени Бог да го менува нашето срце за да ја прифатиме Божјата поинаква воља со вера дека таа е подобра за нас или некој друг?

Упорното одење со глава во ѕид против Божјата воља може во најдобар случај да резултира со Божествена дисциплинска мерка, соборување на нашата гордост, инсталирање на Павлов трн во нашето тело или живот, болка, болест, загуба и сл. Затоа, да не го предизвикуваме суверениот Бог искушувајќи го Неговото долготрпение. „Јас Господ, твојот Бог, те учам за твое добро, те водам по патот по кој треба да одиш.“ (Исаија 48:17, Библијата)