Нашите начела на верување

1.БИБЛИЈАТА

Веруваме дека Библијата, односно Светото Писмо, составено од 39 книги на Стариот завет и 27 на Новиот завет, е Божја книга. Светото Писмо не е производ на човечки мудрости, ниту настанало според човечка волја, туку Бог, според својата провидност ги подготвил писателите со потребниот карактер, способности и искуства; натприродно им ги открил знаењата кои сакал да ни ги објави и делувал на нивните природни особини насочувајќи ги во изборот на темата, во целиот тек на мислите и изразувањето со зборови – процес познат како боговдахновеност. Светите Божји луѓе пишувале водени од Светиот Дух, така што Светото Писмо во целина и во секој детал е апсолутно непогрешива Божја објава, единствено и сосема доволно правило за вера и пракса, и единствен авторитет кој ја обврзува човековата свест.

(Матеја 5:18; Исаија 49: 1-2; Еремија 1:5)

2.БОГ

Веруваме во еден троеден Бог, кој е Дух; совршен, бесконечен и вечен во своето Битие, во светоста, мудроста и силата; кој е самопостоечки, прапричина за сите живи суштества и случки ( кои ги одредил од вечноста); апсолутно одвоен од светот и над светот како негов Творец, а сепак во исто време е присутен во светот како Седржител на сите нешта. Тој е суверен над сите и сè прави по советот на Својата волја. Тој Сам Себеси се открива во три различни личности: Татко, Син и Свети Дух и на секој од нив им припаѓа подеднаква чест, слава и почитување како на вистинит Бог.

( Марко 12:29; Јован 4:24; 14:19)

3.ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС

Веруваме во Господ Исус Христос кој е втората личност од троединиот Бог. Тој е вечниот Збор и Единородниот Син, наш велик Бог и Спасител. Тој без било каква суштинска промена во Својата божествена личност, стана човек преку чудото на безгрешно раѓање од девица, така што остана вечно вистински Бог и вистински човек: една личност во две природи.

Веруваме дека, како човек, Господ Исус Христос во сè беше искушан како и ние, освен во грев. Како совршено Јагне Божјо, Тој се предаде себеси во смрт на крст, носејќи ги гревовите на сите луѓе и поднесувајќи ја за нив полната казна на Божјиот гнев наместо нас.

Веруваме дека славно воскресна од мртвите во истото тело во кое страдаше и умре.

Веруваме дека како наш велик Првосвештеник се вознесе на Небото и дека таму се појави пред лицето Божјо како наш Застапник и Молител.

Веруваме дека Тој лично повторно ќе дојде.

(Јован 1:1; 3:16; Тит 2:13)

4.СВЕТИОТ ДУХ

Веруваме во Светиот Дух, кој е третата личност од троедниот Бог, еднаков по сила, светост и мудрост со Бог Таткото и Синот. По природата на Својата служба, Тој го кара светот за грев, го препородува секој што верува во Христовото тело веднаш штом ќе поверува. Тој се вселува во секој препороден човек и го запечатува за денот за избавувањето. Светиот Дух дава сила, води, поучува и ги советува сите оние кои преку Исус Христос постануваат Божји деца.

Веруваме во неопходноста од исполнување со Духот.

Веруваме дека определил дарови на Светиот Дух (даровите за објава и даровите за знак како што се јазиците, пророштвата, исцелувањето и дарот на правење чуда престанале со завршувањето на Канонот на Светото Писмо)

(Матеј 28:19; Дела на Апостолите 5:3-4; 1 Мојсеева 1:2)

5.ЧОВЕКОТ

5.1 Создавањето и падот на човекот

Веруваме дека човекот (дух, душа и тело) е директно Божјо створение. Тој не е потомок на животните, туку Бог го создал според Својот образец.

Веруваме дека човекот преку сопствената непослушност кон откриената Божја волја стана грешно створение и зачетник на грешна раса, која е универзално грешна по природа и во пракса, одвоена од Божјиот живот и од Божјото семејство, под праведниот суд и гнев.

Веруваме дека човекот нема способности за обнова или спасение.

(1 Мојсеева 1:26-28; 2-7, 18-24; Матеја 19:4)

5.2 Спасени по благодат и преку вера

Веруваме во спасение преку вера. Спасението е бесплатен Божји дар. Тоа не може да се заслужи ниту да се сочува делумно или во целина со никаква човечка добродетел, ниту преку било каков човечки труд. Спасението се прима со лична вера во Господ Исус Христос. Во Него сите вистински верници го имаат како сегашен посед дарот на вечниот живот, совршената правда, посинувањето во Божјото семејство, ослободувањето и сигурноста од секакво осудување. Во Него тие се секаква духовна сила потребна за живот и побожност, и ја имаат Божјата гаранција дека никогаш нема да загинат.

Веруваме дека ова спасение го вклучува целиот човек: духот, душата и телото. Ова спасение се темели на Христовата смрт и воскресение, а го примаме преку вера.

(Римјаните 3:24; 6:23; Тит 3:5)

5.3 Праведното живеење и добрите дела

Веруваме во праведното живеење и добри дела, не како причина за спасението во било која смисла, туку како вистински докази и родови на спасението.

Веруваме дека треба да го извршуваме зборот на нашиот Господ, да го бараме она што е горе, да живееме како што нашиот Господ живееше, да изобилуваме во добри дела, а посебно сериозно да ја сфатиме нашата одговорност, должност и привилегија како носители на Евангелието до изгубениот и грешен свет и на тој начин да родиме многу род.

Веруваме дека победоносниот и плодоносен христијански живот е можен единствено за оние кои се научиле дека не се по законот, туку под благодатта, кои од благодарност за бесконечните и незаслужни Божји милости, потполно Му се предале на Бог во службата.

(1 Јованова 3:9-11; 4:19; Ефешаните 2:8-10)

5.4 Идниот живот

Веруваме во идниот живот, во воскресението на телото и во вечниот суд.

Веруваме дека духот и душата на спасението по смртта веднаш заминуваат во Небото кај Христос, каде што остануваат во радосна заедница до Неговото Второ доаѓање, кога и нивните тела ќе воскреснат од гробовите и ќе се преобразат во ликот на Неговото славно тело.

Веруваме дека во тоа време сите верници ќе се појават на Христовиот суд со своите дела. Таму ќе се одлучува за наградувањето или губењето на наградата.

Веруваме дека духот и душата на неспасените луѓе по смртта слегуваат веднаш во Пеколот, каде што се чуваат под казна до Страшниот суд, кога нивните тела ќе воскреснат од гробовите и ќе бидат судени според своите дела и конечно фрлени за вечност во Огненото езеро.

Веруваме дека Небото и Пеколот се буквални места и состојби на блаженство, односно на измачување.

(Филипјаните 1:21-23; 2Коринќаните 5:8; Филипјаните 3:20-21)

6.ЦРКВАТА

6.1 Црквата- општа и локална (месна)

Веруваме во една и вистинита Црква, таинственото тело и невестата на Господ Исус Христос. Таа е духовната зграда која Тој почна да ја ѕида на Духовден и која ќе ја заврши при Своето второ доаѓање. Во неа сите вистински верници од сегашниот период се крстени во Светиот Дух, без оглед на националност, боја, раса или состојба.

Веруваме дека различните органи на ова тело треба да се собираат во месните цркви (локалните заедници на верните) заради прославување на Бог, молитви, заедништво, поучување и заедничко сведоштво.

Веруваме во неопходноста од помагање на таквата црква.

(Ефешаните 4:4; 5:25-32; Матеја 16:18)

6.2 Крштевањето и Господовата Вечера

Веруваме дека крштевањето и Господовата вечера се уредби (одредби) кои ни ги оставил нашиот Господ.

Веруваме дека крштевањето се врши со подронување под вода, а врз основа на сведоштвото за оној кој се крштева и со формулата на Господ Исус Христос: “Во името на Таткото, Синот и Светиот Дух”.

Веруваме дека Господовата вечера (Причеста) е чин кој преку лебот и виното (гроздовиот сок) ја симболизира нашата заедница во смртта на Господ Исус Христос, и дека треба да ја практикуваме до неговото повторно доаѓање.

(Матеја 28:20; дела на Апостолите 2:41-47; Евреите 10:25)

6.3 Исклучување

Веруваме дека според учењето на Светото Писмо, црквата има право да го исклучи од членство секое лице кое не се однесува според христијанските принципи или пак упорно поучува и шири лажна наука и со тоа го урива мирот и единството во Црквата.

(Матеја 18:18; Римјаните 16:17-18; 1 Коринќаните 5:2)

6.4 Одвојување на верникот

Веруваме во нужноста од одвојување на верникот од световноста и формализмот. Бидејќи христијанското живеење е во Христос на небесата, мораме да одиме одвоено од сегашниот свет, т.е. немајќи заедништво во неговите злобни дела, воздржувајќи се од световните забави и нечисти навики кои го валкаат умот и телото.

Веруваме дека не треба да се служиме со световните судови во решавањето на проблемите меѓу верниците, одбегнувајќи секаква лична одмазда.

(Филипјаните 3:30; Коринќаните 6:14-18; Римјаните 12:2)

6.5 Бракот

Веруваме во светоста на христијанскиот брак.

Веруваме дека изборот на брачниот другар треба да биде исклучиво меѓу верниците. Развод на бракот, според учењето на нашиот Господ Исус Христос, не е допуштен, освен за неверство (прељуба). Повторно стапување во брак е можно единствено во случај на смрт на брачниот другар.

(Евреите 13;4; 2 Коринќаните 6:14; 1 Коринќаните 7:2)

7.ДЕН ЗА ОДМОР

Веруваме дека неделата е Новозаветниот ден за одмор и дека во него треба да се посветиме на Бог преку слушање и проучување на Божјиот Збор, и во меѓусебно заедништво.

(Псалм 118:22-24; Дела на Апостолите 20:7; 1 Коринќаните 16:1-2)

8.ДРЖАВНАТА ВЛАСТ

Веруваме дека државната власт е поставена од Бог заради одржување на редот и мирот, и дека заради тоа сме должни да ѝ се покоруваме и да ја помагаме во справедливите потфати.

(Матеја 22:21; Римјаните 13:1-10; Дела на Апостолите 5:29)

9.САТАНАТА (ЃАВОЛОТ)

Веруваме во постоењето на сатаната како личност. Тој во почетокот беше создаден невин (без грев), но заради гордост и богохулна амбиција се одметна од Бог. Така стана крајно расипан по карактер, голем непријател на Бог и на Божјиот народ, и водач на сите други злобни ангели и духови кои се здружија со него. Тој стана измамник и бог на овој сегашен свет. Неговите сили се натприродно големи, но се строго ограничени преку допуштањето на Божјата волја, зашто Бог е во контрола над сè па и над неговите злобни намери. Сатаната е веќе поразен и осуден на крстот и неговиот конечен суд е сигурен. Ние сме во состојба да му се спротивставиме и да го победиме единствено со Божјото оружје и крвта на Јагнето.

(Езекиел 28:13-17; Исаија 14:13-14; 1 Тимотеј 3:7)

10.ВТОРОТО ХРИСТОВО ДОАЃАЊЕ

Веруваме во Второто Христово доаѓање, во блажената надеж заради која треба непрестано да стражариме и да се молиме.

Веруваме дека ќе дојде лично и дека Неговото доаѓање ќе биде видливо и славно. Часот на неговото доаѓање не ни е откриен, но може да биде во секој момент и ќе биде ненадејно. Кога ќе дојде, најпрво ќе ја земе од земјата Својата Црква која Го чека, преку воскресението и преобразувањето. После земањето на Црквата, ќе ги излие праведните Божји судови над неверниот свет во Големите неволји. Потоа ќе слезе со Својата црква на земјата и ќе го воспостави Своето буквално Царство над сите народи за илјада години. На крајот ќе ги воскресне и ќе ги суди сите неспасени мртви на Страшниот суд. Како Давидов Син, ќе Му го предаде Своето месијанско царство на Бог Таткото, за да би можел како вечен Син да царува за секогаш со Таткото во новото Небо и новата Земја.

(Дела на Апостолите 1:11; Откровение 1;7; Марко 13:33-37)