Основните христијански учења

Која е сржта на христијанството? Што значи да се биде вистински верник? Во што веруваат христијаните?

Христијанството се живее во вера и однос со Бога преку Исус Христос, со помош на Светиот Дух, а во заедница на верните сплотени во Црквата. Верата се искажува преку правилно славење, верување и живеење на Христовото учење.

Христијанското духовно патешествие започнува со објавувањето на Бога во неговото Свето Тројство (Бог Отец, Бог Син Исус Христос, и Бог Свети Дух), пресведочувањето за Неговата Светост и Благодат, и сфаќањето на грешнољубивоста на човештвото.

Секоја личност соочена со Божјата Светост и сопствената грешност, може, повикувајќи се врз службата на Исус Христос на Земјата, да се покае и спаси.Преку Христа грешнољубивиот човек може повторно да ја возобнови Божјата слика во себе, според која човекот беше создаден, пред падот во грев.

Христијанството подразбира вера дека Бог се објави преку Исуса Христа, кој живееше безгрешен живот, беше убиен на крст и воскресна на третиот ден.Христос ни го објави Бога онаков каков што Тој навистина е. Преку Христовата безгрешна жртва, која беше плата за гревовите на човештвото, на луѓето им се овозможува да ја избегнат оваа казна за гревот (смртта) и повторно да живеат во однос со Бога.

Спасението не е само обнова на односот со Бога, туку и обнова на човекот.Таа му овозможува на човекот повторно да стане вистински човек. Светиот Дух го ослободува човекот од постојаното робување на гревот.

Христијанскиот живот е секојдневно целодневноживеење според оваа обновена природа и непрестано градење на Божјото Царство. Добрите дела не се прават за да се стане добар христијанин, туку добрите христијани ги прават добри дела заради сопствената обновена природа.

Заедницата на христијаните, собрани од сите краишта на светот, без разлика на националност, пол и раса, под името и Благодатта на Исуса Христа се нарекува Црква. Црквата, иако во многу јазици се поистоветува со објекти, во вистинската христијанска смисла се луѓето кои се собрани за да го слават Бога.

Ниту еден христијанин не живее во индивидуален однос со Бога, туку е повикан да ја живее својата вера во одредено општество на верници. Црквата постои не затоа што во неа се луѓе со слични размислувања, навики или обичаи, туку затоа што сите имаат еден исти Татко – Бога. Како и во секое семејство, браќата и сестрите не се избрани по волја, туку по потекло од истиот родител.

Преку Црквата (во нејзината полнота) на која што Бог и го дава целосниот свој авторитет и задача на Земјата, христијанинот ја храни својата вера. Преку слушање на Божјиот Збор, славење на Господа, молитвата и Причеста, човекот ја гради и живее својата вера.

Во истата таа Црква, христијанинот придонесува со своите духовни, материјални и секакви други дарови. Се што човек поседува (време, пари, интелигенција, итн.) му е дар од Бога. Во совршената Божја намера овие работи му се дадени на човекот за правилно да ги користи и да управува со нив. Обновениот човек (христијанинот) сите Божји дарови треба да ги користи за правилно живеење и за доброто на човештвото.