Практикување христијанска вера

Христијанскиот живот содржи многу елементи. Како појдовна точка на христијанскиот живот е живата вера во Бога, прифаќањето и благодатта на Христа, и преобразбата на Светиот Дух. Верата во Светото Тројство, на духовно ниво, секако се рефлектира и живее на практичното, секојдневно ниво.

Најважни елементи на тоа практично живеење на христијанската вера се проповедањето, покајанието, крштевањето, причеста, молитвата, богоугодноста и сведочењето.

Божјиот Збор (синоними: Библија, Свето Писмо)

Неопходен дел од христијанскиот живот е слушањето, како и самостојното проучување, на Божјиот Збор. Самото Свето Писмо вели дека верата се добива преку слушање на Божјиот Збор (Рим. 10:17). Светото Писмо, како книга која на човештвото му ја открива Божјата волја треба да стане неопходен дел од секојдневната пракса на христијанинот.

Светото Писмо, како што запишал Апостолот Павле, може да ни користи за поука, за да ни помогне да се поправиме, како и да ни покаже како праведно да живееме. Тоа не подготвува за правење на добри дела (2 Тим. 3:16-17).

Затоа, секој христијанин треба да биде изложен на редовната пракса на самостојно читање и проучување на Светото Писмо, но и на слушање на проповеди во локалната црква, каде што Светиот Дух ни ги разјаснува работите преку луѓе посебно обдарени од Бога за таа духовна служба.

Покајанието

Човекот кој вистински го разбира Светото Писмо станува свесен за состојбата на грев во која се наоѓа. Светото Писмо тврди дека „сите згрешија“ (Рим. 3:23), а на друго место додава дека „платата за гревот е смрт“ (Рим. 6:23). Прифаќањето дека целиот човечки род, вклучувајќи се тука и себеси, е грешен и е на пат кон вечната смрт е првиот чекор кон покајанието.

Откако човек ќе стане свесен за сопствениот грев и за казната која ја заслужува, Божјиот Збор – Библијата, не повикува на покајание: „Покајте се и свртете се кон Бога, за да ви бидат избришани гревовите“ (Дела на апостолите 3:19). Радосната вест на Светото Писмо, односно добрата вест која што произлегува токму од Христовата служба на Земјата, е дека на секој оној којшто ќе се покае, ќе му биде простено и ќе биде спасен.

Покајанието не е површински чин со кој преку изговарање на одредена покајничка молитва, извршување на одреден ритуал или слично, можеме да се спасиме. Покајанието е чин на искрена и длабока свест за сопствениот грев, каење за истиот и решителност да се оди по Божјиот пат. Бог, Совршен и Сезнаен, ги знае и нашите мотиви и нашата искреност. Единствено искрената и решителна покајничка молитва ќе биде услишена.

Од друга страна пак, Библијата не уверува дека доколку ги признаеме нашите гревови на Бог, „Тој е правичен и ќе си го одржи ветувањето: ќе ни ги прости гревовите и ќе не исчисти од сета неправедност“ (1 Јованова 1:9).

Крштевањето

Крштевањето е воспоставено од Христос кој и самиот дозволи да биде крстен во реката Јордан. Крштевањето е своевидна иницијација во христијанството. Тоа е обврска на секој човек кој е христијанин. Во Светото Писмо е запишано дека „секој што ќе поверува и се крсти ќе биде спасен“ (Евангелие според Марко 16:16). Крштевањето е составен дел од спасоносната вера. Тоа е неопходен чин за секој кој поверувал во Христа.

Крштевањето според Светото Писмо се извршува исклучиво врз пресведочени христијани и тоа со подронување под вода. Никаде во Светото Писмо крштевањето не се извршува врз лица кои се неверни, или пак неспособни да ја потврдат својата вера (на пример: мали деца). Светото Писмо, во оригинал пишувано на старогрчки јазик, го користи зборот баптиѕо за крштевање, што буквално значи подронување. Затоа, правилно христијанско крштевање се извршува исклучиво врз лица кои веруваат и исклучиво со подронување под вода.

Крштевањето ја симболизира смртта и воскресението на Христос, но и смртта и воскресението на човекот кој што се крштева. Преку крштевањето „умира“ стариот неверен и безбожен човек, а „воскреснува“ нов, обновен и побожен човек. Новиот човек – христијанинот, не почнува да постои во новиот задгробен живот, туку почнува да постои од моментот на покајанието, обраќањето и спасението, што е симболизирано во чинот на крштевањето.

Крштевањето е надворешен и видлив симбол на внатрешната духовна реалност. Правилно извршеното крштевање се извршува само еднаш.

Причест (Евхаристија)

Причеста (или Евхаристија, Господовата Вечера) е обред кој се извршува со јадење на леб и пиење на вино во знак на сеќавање на смртта на Исус Христос. Земањето на Причеста беше последната Христова желба и заповед за Неговите следбеници, пред Неговото распнување во Ерусалим. Според Неговите зборови, лебот го симболизира Неговото тело кое беше скршено за нас, а виното ја симболизира Неговата крв пролеана за прошка на гревовите (Евангелие според Матеј 26:26-28).

Со земањето на Причеста ја објавуваме Христовата смрт се до Неговото повторно доаѓање. Преку споделувањето во Неговата смрт стануваме овластени да ги споделиме и благословите на Неговото воскресение и живот.

Преку Причеста, исто така, се обединуваме со сите христијани низ целиот свет. Како што е Апостолот Павле запишал во Библијата, јадејќи од еден леб сите ние стануваме дел од едно исто Тело – Црквата (1 Кор. 10:17).

Причеста е привилегија и должност на секој крстен христијанин. Таа е отворена можност секој да се исповеда пред Бога, да се покае, да се потсети за жртвата која што Христос ја направи за човечкиот род, но и да ја симболизира придобивката, преку јадење на лебот (Христовото Тело) и пиење на виното (крвта Христова) да се прифати Божјото спасение и милост. Причеста, иако момент кој ја симболизира смртта на Христа, не е тажен спомен, туку весела прослава на новиот живот со Бога, овозможен преку Христовата несебична жртва.

Молитвата

Молитвата е комуникација со Бога. Таа е воспоставена уште во Стариот Завет, откако поради човековиот пад во грев директниот разговор со Бога беше оневозможен. Молитвата е средство преку кое верните можат на Бог да му ги искажат своето покајание, исповедање, вера, славење и надеж. Преку молитвата човек може да ги изговори своите стравови, потреби, молби за себе, за ближните и за Црквата.

Бидејќи Бог е Сеприсутен и Сезнаен, молитвата може да се изговори јавно, тајно, па дури и безгласно. Бог ја слуша секоја молитва, а ја услишува богоугодната молитва. Богоугодна молитва е секоја онаа молитва која е во согласност со Божјата волја.

Преку службата на Христос, кој повторно овозможи директен пристап кон Бога, христијаните можат да му се молат директно на Бога. Библијата не одобрува молење кон други посредници освен кон Христос, кој во Библијата е наречен „Единствен посредник меѓу Бога и луѓето“ (1 Тим. 2:5). Кога Христос ги учеше своите следбеници како да се молат, тој ги научи да се молат директно кон Бога, во позната молитва „Оче Наш“, а не кон било кого друг. (целата молитва Оче Наш, ја имате десно)

Богоугодност (добрите дела итн.)

Добрите дела не се неопходни за човек да се помири со Бога. За тоа се неопходни покајанието и верата. Но, од искреното покајание и вера произлегува и извршување на добри дела. Секој оној којшто искрено се кае за својот грев и кој сака да оди по праведниот Божји пат, следствено на сопствената природа ќе извршува добри дела.

Богоугодноста е поширок термин од терминот „добри дела“. Да се биде богоугоден значи да се живее во потполност според Божјата волја. Тоа значи не само да се извршуваат добри дела, туку и да не се извршуваат лоши дела, да се има став на понизност, да се бара правдата (секогаш за другите, но не и секогаш за себеси), како и да се живее духовно во близина со Божјиот Збор. Секој вистински христијанин мора, односно треба според сопствената обновена природа, да се стреми кон богоугоден живот.

Сведочењето (евангелизирањето)

Сведочењето (или евангелизирањето) е составен дел од Христовите заповеди, но тоа исто така треба да произлезе и самостојно од секој христијанин кој вистински ја искусил Божјата љубов и милост.

Сведочењето е споделување, како преку зборови така и преку дела, на личното искуство со Бога, на Божјите вистини запишани во Светото Писмо, како и на универзалниот повик на покајание и вера. Да се сведочи значи на нашите пријатели, колеги и друго, да им ја доближиме Христовата подадена рака на помирување помеѓу Бога и човечкиот род. Да се сведочи значи да се повикуваат нашите ближни на сопствено покајание и чекорење по Божјиот пат.

Сведочењето е последната Христова заповед дадена пред Неговото заминување кај Отецот. Во последните зборови кон апостолите тој им заповеда: „Одете меѓу сите народи и создадете од нив Мои ученици; крштевајте ги во името на Таткото, Синот и Светиот Дух. Учете ги новите следбеници да го извршуваат сето она што вам ви го заповедав“ (Евангелие според Матеј 28:19-20)