Христијаните-Баптисти во Македонија

ИСТОРИЈАТ

Веруваме дека уште од првиот век наваму, на територијата на Македонија континуирано постоеле библиски цркви кои го негувале изворното христијанство, онакво, какво што на овие простори го донел Христовиот апостол Павле. Не велиме дека тие цркви и верници лојални кон изворното христијанство себеси се нарекувале „Баптисти“, но убедени сме дека христијанството го сфаќале на ист начин на кој го сфаќаат и Христијаните-Баптисти денес. Впрочем, разновидните имиња на Христијанските Цркви почнуваат да се појавуваат од 11 век па наваму, откако во 1054 г. дотогаш единствената Христијанска Црква се расцепила најпрво на две, а потоа, со тек на времето (посебно со појавата на Богомилите, и дополнително по Протестантската Реформација од 16 век) и на поголем број други независни Цркви, кои попримиле најразлични имиња, префикси и додатоци.

Во отсуство на постара документација, познато ни е дека во Радовиш, во 19 век постоела „Евангелска Црква“ (не е познато кога била формирана) која од 1930 г. се приклучува кон Христијаните-Баптисти во тогашна Југославија, а слично постапила и една група христијани од Скопје. Овие две групи христијани ги формирале и првите цркви под името „Христијански Баптистички Цркви“ кои и денес постојат како такви во Радовиш и во Скопје.

ОПШТ ПРОФИЛ

Христијаните-Баптисти во Македонија се малубројни, но влијателни. Негуваат академско ниво на црковни богослужби, а претставуваат и водечка Црква во издавачката дејност. Имаат изготвено современ и разбирлив превод на Новиот Завет од кој во Македонија се дистрибуирани речиси 200 000 примероци. Имаат издадено и поетичен превод на Библиските Псалми, на Библиските мудросни книги, како и повеќе од 60 наслови на разновидни христијански книги. Ја имаат издадено и првата, а можеби и единствена Збирка на Христијански песни со музички ноти, на македонски јазик.

Организираат отворени трибини и дебати за многу актуелни прашања поврзани со верата, науката, етиката, екологијата… Имаат изготвено веб-сраници преку кои промовираат христијански вредности и активности. Имаат своја христијанска книжарница – можеби единствена, или една од ретките такви во Македонија.

Сите богослужби и други активности на Баптистичките цркви се јавни и на нив може да присуствува секој заинтересиран, без специјална покана.