Христијаните-Баптисти во Светот

Христијаните-Баптисти се најголема Протестантска деноминација (црковна група) во светот, со околу 100 милиони возрасни членови во сите видови и подвидови Баптистички цркви. Најраспространети се во Северна Америка (околу 33 милиони), во Украина и во Русија (околу 3 милиони), а од Европските земји најмногу ги има во Велика Британија, Германија, Холандија и во Скандинавските земји.

Најголемо Баптистичко здружение во светот е Светската Баптистичка Алијанса (World Baptist Alliance), која обединува околу 46 милиони Христијани-Баптисти. Во Европа постои Европска Баптистичка Федерација (European Baptist Federation) која ги здружува најголемиот број Баптисти од Европа и од Блискиот Исток. Не сите Христијани-Баптисти и нивни Цркви членуваат во овие меѓународни асоцијации. Некои претпочитаат да останат надвор од секакви здружувања.

Христијаните-Баптисти се познати приврзаници на образование и знаење, докажани мирољубиви, но решителни борци за човекови права и општествена правда, за меѓучовечка толеранција и за запазување на животната средина. Нјадобра потврда за тоа се нобеловците од редовите на Христијаните-Баптисти.

БАПТИСТИ – НОБЕЛОВЦИ

Како типични примери за профилот на Христијаните-Баптисти можат да се посочат тројца добитници на Нобелова награда за мир.

Д-р Мартин Лутер Кинг (Dr. Martin Luther King Jr., 1929-1968) добитник на Нобелова награда за мир во 1964 г.). Беше Баптистички проповедник меѓу афроамериканците и решителен борец против дискриминација, посебно расна. Со ненасилни средства и методи, се избори за напуштање на расната сегрегација во САД, но плати со својот живот. Врз него беше извршен атентат од кој почина, на 39-годишна возраст. Светски познат е неговиот говор „Имам свој сон“ (I have a dream) во којшто го искажува своето уверување дека еден ден во неговата земја луѓето ќе се ценат според нивните вредности, а не според бојата на кожата. Беше моќен комуникатор.

Џими Картер (Jimmy Carter, 1924 -) добитник на Нобелова награда за мир во 2002 г. Беше претседател на САД и од таа позиција, среде „студената војна“ меѓу блоковите, воспостави мирољубива соработка со тогашните лути идеолошки противници на САД – СССР и Кина. Познат е како „најмирољубивиот претседател во историјата на САД“.

Aл Гор (Albert Arnold Gore, Jr., 1948 – ) добитник на Нобелова награда за мир во 2007 г.). Поранешен потпретседател на САД. Решителен борец за запазување на животната средина и иницијатор на меѓународни акции за амортизирање на климатските промени причинети од загадувањето на животната средина.

Овие тројца Баптисти нобеловци ги отсликуваат високите доблести кои се развиваат во Христијанските Баптистички семејства и цркви, во поглед на заложбите за еднаквост на сите луѓе (Кинг), за мир во светот (Картер) и за силна еколошка свест (Гор).