Кои се Христијаните-Баптисти?

ИДЕНТИТЕТ

Христијаните-Баптисти се дел од големото семејство на христијански верски заедници (цркви). Припаѓаат кон групата библиски цркви, понекогаш нарекувани и евангелски или протестантски цркви, а тоа значи дека се раководат исклучиво според учењата од Светото Писмо, односно Библијата, без дополнителни црковни догми, преданија, обичаи и слично, и без употреба на икони, свеќи, реликвии и ритуали во црквите . Со други зборови, Христијаните-Баптисти го негуваат само изворното христијанство, онакво какво што го воспоставил основачот Исус Христос и го проповедале Неговите 12 апостоли, документирано во 27-те Новозаветни библиски книги.

Самиот збор баптисти, како дел од идентификацијата е во врска со крштавањето. Имено, во изворниот старогрчки јазик на Новиот завет, за глаголот крштава е употребен зборот баптиѕо што означува „подронување под вода“. Затоа Христијанската Баптистичка Црква може да се нарече и „Христијанска Крстителна Црква“. Баптистите, значи, инсисти-раат исклучиво на Библиската изворна форма на крштавањето, а тоа значи: (1) дека можат да се крштаваат исклучиво доволно возрасни лица кои се способни да искажат лично покајание и лична вера, со целосно разбирање на своите уверувања и (2) крштавањето се изведува со подронување во вода (баптиѕо), зашто само така во целост го искажува своето изворно (библиско) значење на идентификација на верникот со „погребувањето и воскресението на Христос“, односно, „погребување“ на старата, непокајана и грешна природа и „воскресение“ на една сосема нова, препородена, духовна личност, со Христов светоглед.

КОРЕНИ

Христијаните-Баптисти немаат и не признаваат некој свој основател – покрај Исус Христос – зашто веруваат дека тие се следбеници на изворното христијанство. Тие не веруваат ништо повеќе и ништо помалку од Христовите и апостолските учења. Оттаму и не сметаат дека имаат некои посебности како Црква и како христијани, кои ги поставил некој основател.

Сепак, некои историчари сметаат, дека, по мрачните средни векови, во текот на Про-тестантската реформација од 16 век, се издиференцирале и Христијански Цркви кои почнале да ја користат придавката „Баптистички“, по примерот на други такви реформирани Цркви (Конгрегациона, Презвитеријанска, итн.).

ЦРКОВНА СТРУКТУРА

Христијаните-Баптисти, согласно Христовото и апостолското учење за Црква, немаат свештенство и хиерархиска структура. Имаат школувани теолози кои ги водат бо-гослужбите и кои најчесто носат титула „пастор“ или „проповедник“. Значи, кај Христијаните-Баптисти нема попови, владици, епископи, бискупи, папа, итн. Управата е на ниво на индивидуални цркви, без хиерархиска надреденост или подреденост. Ваквата поставеност на црквите произлегува од Светото Писмо (Новиот завет).

Индивидуалните Баптистички цркви можат да влегуваат во состав на различни асоцијации, алијанси и други здруженија, заради заемно помагање и соработка, но секогаш ја задржуваат својата автономија.

Вообичаено, индивидуалните цркви имаат свој Црковен Одбор на чело со претседател, кој демократски го избира целокупното членство (собрание). И пасторот (проповедникот) на црквата вообичаено го избира целокупното членство, со мнозинско гласање, и на определен мандат. Црковниот Одбор и Собранието на членството се вообичаените управни тела. Сето ова се регулира со Статут на Црквата.

ЧЛЕНУВАЊЕ

Зачленувањето кај Христијаните-Баптисти е можно само за полнолетни лица, откако тие ќе ја исповедаат својата вера и ќе покажат елементарно познавање на истата, потоа ќе бидат крстени согласно библиските правила, ќе се запознаат со Начелата на верување и со Статутот на црквата, и ако по своја желба поднесат Пристапница за зачленување во црк-вата. По ова, на предлог на Црковниот Одбор, пристапувањето во членство го легитимира Собранието на црквата, со мнозинско гласање.

АРХИТЕКТУРА И ИЗГЛЕД

Христијанските Баптистички Цркви немаат некоја посебна црковна архитектура. Затоа црковните градби се разликуваат – од класичен црковен изглед, до современ архитектонски изглед, кој воопшто и не мора да наликува на црква.

Внатрешноста на црковната сала во која се одржуваат богослужбите наликува на училница, предавална или на сала за конференции. Вообичаено има говорница од којашто се извршуваат проповедите (предавањата), честопати придружени со видеобим презентации, и редови од клупи или столчиња на кои присутните седат и слушаат.

На ѕидовите нема фрески или какви било орнаменти, туку, евентуално, само некои врамени цитати од Библијата, симболите (грб, знаме) на црквата и сл.

Во Христијанските Баптистички Цркви нема икони, палење свеќи, свети мошти и други реликвии, ниту пак е дозволена нивна употреба, зашто сето тоа не произлегува од Христовото и апостолското учење.